Членот на Управниот одбор и координатор на групацијата за градежништво, урбанизам, животна средина и енергетика при СКСЗМ, г-дин Сами Морина, учествуваше на свечената церемонија за потпишување на Заедничката декларација за намера за унапредување на економската соработка помеѓу МНРНТ на РСМ и Сојузното министерство за економија и енергетика на Сојузна Република Германија.
Церемонијата се одржа во просториите на Сојузното министерство за економија и енергетика во Берлин, а на работната средба присуствуваа високи владини претставници од двете земји, како и претставници на стопанските комори. Средбата послужи за формирање на Германско-македонскиот заеднички економски Управен комитет (JESCO).
Овој стратешки документ поставува основа за сеопфатна рамка за унапредување и понатамошно продлабочување на билатералната економска соработка. Во тој контекст беше истакната важноста од зајакнување на економските односи по имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, потпишана во 2001 година, како и беше потсетено на статусот на Република Северна Македонија како земја кандидат за членство во Европската Унија од 2005 година. Страните ги оценија континуираните напори на земјата за исполнување на Копенхашките критериуми, како основа за понатамошна европска интеграција.
Енергетиката останува една од приоритетните области на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, со посебен фокус на активниот придонес во процесите на изработка и унапредување на Законот за енергетика и Законот за обновливи извори на енергија.






