Извршниот директор на СКСЗМ, г. Дурим Зекири, учествуваше на панел-дискусијата организирана во рамки на проектот „ЕУ за развој на малите и средните претпријатија“, финансиран од Европската Унија, во соработка со Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија, по повод презентацијата на Стратегијата за мали и средни претпријатија 2025–2030.
Панелот обедини претставници на стопанските комори, финансиските институции, академската заедница, ИНОВА, организации за поддршка на МСП, како и стопанственици од секторот на МСП. Дискусиите беа фокусирани на практичната имплементација на активностите предвидени во акцискиот план, адресирањето на клучните предизвици како што се пристапот до финансии и дигитализацијата, зелениот транзиционен процес, како и очекуваните резултати од имплементацијата на стратегијата.
На настанот присуствуваше и Министерот за економија и труд, г. Бесар Дурмиши, кој говореше за стратешките приоритети на МСП, додека Амбасадорот на ЕУ, Неговата екселенција г. Михалис Рокас, говореше за улогата на ЕУ во развојот на МСП.
За време на дискусијата, г. Зекири истакна дека: „Зелениот транзиционен процес моментално се перцепира повеќе како трошок отколку како можност, бидејќи нашата економија има ниски иновативни и финансиски капацитети за да го претвори тоа во конкурентска предност“.
Исто така, додаде дека „Недостигот на инвестиции во обновливи извори на енергија и зелени технологии на ниво од само 0,4% од БДП го прави транзициониот процес тежок за бизнисите, бидејќи барањата растат побрзо од финансиската поддршка. Северна Македонија има регистрирано 0 зелени патенти“.
На крај, г. Зекири ја нагласи важноста од тесна соработка меѓу институциите, бизнис заедницата и меѓународните партнери, истакнувајќи дека само преку координиран и сеопфатен пристап Стратегијата за МСП 2025–2030 може да даде конкретни и одржливи резултати за економскиот развој на државата.






