25.12.2025, Тетово – Стопанската комора на Северо-Западна Македонија (СКСЗМ) продолжува со својата заложба за зајакнување на дијалогот со локалните институции и развој на одржливи партнерства што ја поддржуваат бизнис-заедницата. В.д. претседателот г. Нухи Алиу, извршниот директор г. Дурим Зекири, почесниот претседател г. Џемаил Даути и членови на Управниот одбор беа пречекани на средба од градоначалникот на Општина Тетово, г. Билал Касами.
За време на средбата се дискутираше за потребите и приоритетите на локалните бизниси, како и за конкретните чекори за подобрување на економската средина во градот, со фокус на одржлив развој и вклучување на бизнисите во процесите на донесување одлуки.
В.д. претседателот на СКСЗМ, г. Нухи Алиу, му честиташе на градоначалникот Касами за неговиот втор мандат, изразувајќи подготвеност и интерес на Комората за продлабочување на институционалната соработка со Општина Тетово. Тој нагласи дека СКСЗМ останува отворена за презентирање на инвестициски можности и развојни проекти, кои, според него, треба да се комуницираат и дискутираат директно со Комората и нејзиното членство, со цел создавање додадена вредност за локалната економија.
Од своја страна, градоначалникот на Општина Тетово, г. Билал Касами, истакна дека соработката со бизнис-заедницата била и останува еден од клучните приоритети на Општината. Тој изрази подготвеност за поинституционализирана и поблиска соработка со СКСЗМ, потенцирајќи дека Тетово нуди значајни можности за инвестиции. Градоначалникот Касами нагласи дека секој бизнис кој изразува интерес да инвестира или да развива градежни активности во Тетово е добредојден, истакнувајќи ја важноста на јавно-приватното партнерство како клучен механизам за локален економски развој.
Во продолжение на дискусиите, извршниот директор на СКСЗМ, г. Дурим Зекири, ја презентираше можноста за реализација на проект за мапа на бизнисите во соодветните општини, иницијатива која може да придонесе за забрзување на процесот на децентрализација, зголемување на транспарентноста и поддршка на локалниот економски развој.
Во рамки на средбата беше потпишан Меморандум за соработка меѓу СКСЗМ и Општина Тетово, со кој страните воспоставија институционална рамка за меѓусебна соработка, со цел реализација на активности, проекти и иницијативи што придонесуваат за економскиот, социјалниот и административниот развој на локалната заедница.
По завршувањето на средбата, в.д. претседателот на СКСЗМ, г. Нухи Алиу, и градоначалникот на Општина Тетово, г. Билал Касами, дадоа изјави за медиумите во која ја истакнаа важноста на меѓусебната соработка и подготвеноста за заеднички активности во поддршка на претприемништвото и економскиот развој на државата.





