Европски самит на слободни зони

Европскиот самит на слободни зони денеска се одржува во Скопје  со над 350 учесници, каде учествува и претседателот на СКСЗМ Неби Хоџа. Овој самит стартува со министерски панел посветен на државната помош за инвеститорите, на кој ќе учествуваат министерот за економија Крешник Бектеши и уште тројца министри од земји од регионот.

Ќе се разговара за усогласување на регионот за политиките и унифицирањето на ставовите околу доделувањето на државната помош. Самитот претходно со поздравни обраќања ќе го отворат вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ)  Александар Младеновски и Мухамед Ал Зарони, претседател на Светската организација на слободни зони.

Во тек на самитот денеска ќе биде потпишан договор за соработка помеѓу ТИРЗ и Светската организација на слободни зони и ќе се одржат  панели на темите „Иднината на слободните зони и предизвиците со кои се соочуваат“, „Нелегална трговија и нејзините ефекти врз слободните зони и нивните безбедни програми“ и „Формирање здружение кое ќе ги опфати сите видови зони“.  Утре е предвидена посета на слободната економска зона во Скопје.