Денес, во просториите на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија се одржа состанок помеѓу министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Цветан Трипуновски, и претставници на СКСЗМ. На средбата присуствуваа в.д. Претседателот г. Нухи Алиу, Извршниот директор г. Дурим Зекири, како и членови на Групацијата за земјоделство и рурален развој при СКСЗМ, предводена од координаторот г. Арбен Халили.
Целта на состанокот беше презентација на кампањата на Министерството, која има за цел зајакнување на домашното земјоделско производство и подигање на свеста за квалитетот на македонските земјоделски производи. СКСЗМ и компаниите членки од овој сектор ја поздравија иницијативата, изразувајќи подготвеност да ја поддржат, вклучително и со поставување на логото на кампањата на нивните производи. Истовремено, тие апелираа ова да не остане само привремена иницијатива, туку да има долгорочна континуитет, имајќи ја предвид важноста на овој сектор за националната економија.
Г. Алиу ја истакна потребата од одржлива институционална поддршка, како и од активно вклучување на приватниот сектор во креирањето на земјоделските политики. Од друга страна, членовите на Групацијата посочија неколку важни прашања, како: целосна и соодветна примена на Законот за забрана на нефер трговски практики и преземање мерки за зголемување на конкурентноста на домашните производи, како предуслов за успех на кампањата.
Извршниот директор г. Зекири ја нагласи потребата од стратешки и документиран пристап за заштита на домашното производство, предупредувајќи дека царинските олеснувања за странски производи, директно влијаат врз домашните производи и истите ги прават неконкурентни. Тој посочи дека значителен дел од извозот на државата го остваруваат странски компании, особено оние што работат во индустриските зони, додека домашните производители исто така треба да бидат поддржани и охрабрени, доколку сакаме одржлив развој на земјоделството.
Министерот Трипуновски изрази благодарност за целосната поддршка од СКСЗМ, оценувајќи ја како важен чекор кон остварувањето на заедничките цели. Тој нагласи дека мисијата на кампањата е да го зајакне идентитетот и угледот на македонските земјоделци и да ги промовира нивните квалитетни производи, обезбедувајќи поширока платформа и за компаниите што преработуваат домашни земјоделски производи.
Средбата заврши со прес-конференција и договор за понатамошна соработка, во функција на зајакнување на земјоделскиот сектор и руралниот развој како значен столб на националната економија.