В.д. Претседателот на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, г. Нухи Алиу, заедно со Извршниот директор г. Дурим Зекири, членовите на Управниот одбор г. Сами Морина и г. Агрон Мустафа, како и оперативната менаџерка Миранда Ајдини, остварија средба со директорката на Управата за јавни приходи, г-ѓа Елена Петрова.
На средбата беа покренати конкретни прашања поврзани со практичното функционирање на даночните процеси. Се дискутираше за техничките проблеми и недоволната ефикасност на системот за поднесување на годишната сметка, кои го отежнуваат почитувањето на законските рокови од страна на компаниите. Едно од клучните прашања беше и доцнењето во враќањето на средствата по основ на ДДВ, што директно влијае врз ликвидноста на бизнисите.
Извршниот директор Дурим Зекири побара дополнителни информации во врска со враќањето на средствата од солидарниот данок и неговите импликации врз бизнис-заедницата. Претставниците на СКСЗМ истакнаа дека, покрај адресирањето на евидентираните предизвици, Управата за јавни приходи треба да биде пример за финансиска дисциплина и коректен партнер на бизнисот, обезбедувајќи ефикасни процеси и почитување на законските рокови.
СКСЗМ продолжува активно да ги застапува интересите на своите компании-членки, придонесувајќи кон надминување на предизвиците со кои се соочуваат и кон унапредување на условите за водење бизнис.




