Извршниот директор на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Дурим Зекири, учествуваше како панелист на настанот организиран од Macedonian Association for Customer and Employee Experience (MACEX), каде што се дискутираше на тема: „Градење економии ориентирани кон искуството: Улогата на стопанските комори и бизнис асоцијациите во поддршката на организациската трансформација“. Дел од панелот беа и Нина Ангелковска Станков, Војдан Јорданов и Горан Криз, додека модератор беше Хртистина Велковска.
Во текот на дискусијата, г. Зекири истакна:„Доброто искуство на вработените значи поголема продуктивност на национално ниво. Кога вработените се мотивирани и задоволни, компаниите се поефикасни, поконкурентни и произведуваат повеќе, придонесувајќи директно позитивно кон БДП на државата. Искуството на вработените создава поотпорна и поиновативна економија, додека компаниите кои инвестираат во своите вработени имаат помала флуктуација, подобро се прилагодуваат на кризи и обезбедуваат долгорочна економска стабилност.“
На прашањето: „Со оглед дека северозападниот регион има голем претприемачки потенцијал, што е потребно за тој потенцијал да се трансформира во иновативен, економски и одржлив развој?“, г. Зеќири одговори дека Полошкиот регион има најмлада популација во државата.
„Тоа значи дека регионот има најголем долгорочен потенцијал, меѓутоа тој е рангиран на третото место меѓу сите региони според бројот на регистрирани компании по глава на жител. За да се капитализира овој потенцијал, потребен е стратешки пристап. Скопскиот регион доминира речиси во секој економски аспект, при што 54% од вкупниот извоз на државата доаѓа токму од овој регион. Во меѓувреме, државните инвестиции биле најниски во Полошкиот и Југозападниот регион во последните 30 години.“
Понатаму, г. Зеќири потенцираше:„Ако Скопје е економскиот мотор на Република Северна Македонија, тогаш западниот блок претставува најнеискористениот економски потенцијал. Со поразвиена инфраструктура, поголеми инвестиции, индустриска диверзификација и поизразена децентрализација, западниот регион може да се трансформира во втор економски центар на државата.“
Панелот послужи како платформа за размена на идеи и искуства за начините на кои организациите и бизнис заедницата можат да придонесат кон создавање пофлексибилни, помодерни и поподготвени компании за предизвиците на пазарот.



