22.09.2025 – Извршниот директор на СКСЗМ, г. Дурим Зекири, Претседателот на Групацијата за земјоделство и рурален развој, г. Арбен Халили, г-ѓа Егзона Алиу како претставничка на Групацијата за туризам и угостителство со компанијата Хотел Actor и оперативната менаџерка, г-ѓа Миранда Ајдини, учествуваа на работната средба организирана од Владата на РСМ, по повод посетата на делегацијата на Стопанската комора на Дубаи. Целта на средбата беше да се истражат можностите за соработка со домашните компании, како и потенцијалот што нашата земја го има за инвестиции.
Средбата беше отворена со пригодно обраќање од страна на премиерот на РСМ, г. Христјан Мицкоски, кој го нагласи приоритетот на Владата за економска стабилност на земјата и привлекување на странски директни инвестиции, но и поддршка на домашните инвеститори.
Претседателот и извршниот директор на Стопанската комора на Дубаи, г. Мохамед Али Рашед Лутах, истакна дека растечката соработка меѓу Дубаи и Северна Македонија ја одразува заедничката амбиција за градење одржливи економии и поттикнување на одржлив развој.
Претставниците на Стопанската комора на Дубаи изразија особен интерес за неколку сектори на нашата економија, вклучувајќи енергетика, рударство и минерали, земјоделство, шумарство и водостопанство, култура и туризам, како и дигитална трансформација.
На средбата, извршниот директор на СКСЗМ, г. Зекири, ја претстави улогата и активностите на Комората, нагласувајќи ја нејзината глобална ориентација, соработката со институции како Светскиот економски форум, мрежното поврзување на членките од европските земји и од САД преку нашата дијаспора, како и придонесот на СКСЗМ во креирањето на политики и реформи кои помагаат во подобрување на бизнис-климата во земјата. Исто така, го потенцираше и поништувањето на Законот за солидарен данок, со што повторно се враќа довербата кај потенцијалните странски инвеститори ориентирани кон Северна Македонија.
Претседателот на Групацијата за земјоделство и рурален развој, г. Арбен Халили, ја презентираше работата и значењето на оваа групација во поддршката на земјоделските производители и развојот на руралниот сектор. Тој го нагласи големиот потенцијал што земјоделието го има за зголемување на извозот и зајакнување на одржливиот синџир на исхрана, укажувајќи дека овој сектор нуди конкретни можности за соработка со меѓународни партнери.
Исто така, претставничката на Хотел Actor, г-ѓа Егзона Алиу, како членка на Групацијата за туризам и угостителство, ги презентираше можностите за инвестиции во туристичките дестинации што ги нуди Северна Македонија, ставајќи го акцентот врз големиот потенцијал што туризмот го има за економски развој и привлекување странски инвестиции.
Врз основа на секторите со развоен потенцијал и институционалната поддршка, ова партнерство создава одржлива платформа за странски директни инвестиции, развој на стратешки сектори и зголемување на конкурентноста на економијата на земјата.






