Home / Вести / Последни вести / СКСЗМ продолжува со средбите со политичките субјекти во рамки на локалните избори. Платформата беше презентирана и пред СДСМ

СКСЗМ продолжува со средбите со политичките субјекти во рамки на локалните избори. Платформата беше презентирана и пред СДСМ

СКСЗМ продолжува со средбите со политичките субјекти во рамки на локалните избори. Платформата беше презентирана и пред СДСМ

08.10.2025 – Во просториите на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, в.д. претседателот г. Нухи Алиу, извршниот директор г. Дурим Зекири, претседателот на Надзорниот одбор г. Фатмир Етеми, почесниот претседател г. Џемаил Даути и членот на Управниот одбор г. Агрон Мустафи остварија средба со претседателот на СДСМ г. Венко Филипче и потпретседателот на партијата г. Фатмир Битиќи.

За време на средбата беше презентирана Платформата за локален економски развој подготвена од СКСЗМ, која содржи конкретни мерки предложени од бизнис-заедницата со цел исполнување на клучните потреби на приватниот сектор и подобрување на економската клима на локално ниво.

В.д. претседателот на СКСЗМ, г. Нухи Алиу, ја истакна важноста на адресирањето на барањата поврзани со зоната Визбегово, вклучително и отстранувањето на дивата депонија на североисточниот дел од зоната, која го попречува урбаниот развој и создава еколошки ризици. Беа презентирани и останатите мерки содржани во Платформата.

Претседателот на СДСМ, г. Венко Филипче, нагласи дека е неопходно барањата на бизнис-секторот да се сфатат сериозно и дека локалната самоуправа, покрај на микро-ниво, треба да функционира и на државно и глобално ниво.

Во дискусијата беа разгледани приоритетите на СКСЗМ за развој на бизнисот, вклучувајќи поттикнување на инвестициите, поддршка на малите и средни претпријатија и создавање услови за економски раст.

Во продолжение, потпретседателот на СДСМ, г. Фатмир Битиќи, го претстави програмот на партијата, чиј фокус е насочен кон развој на циркуларната економија, зголемување на ефикасноста и дигитализацијата на јавните институции, реформи во јавните претпријатија, економски развој во партнерство со приватниот сектор, стимулирање на младите претприемачи преку субвенции и намалување на давачките за новоформирани компании, подобрување на инфраструктурата и заштита на животната средина, како и енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија.

Во текот на разговорот беа отворени повеќе прашања од значење за локалниот и економскиот развој, како што се недостатокот на детални урбанистички планови, потребата од инфраструктурни реформи, зајакнување на јавно-приватното партнерство и подобрување на образовниот систем за изградба на квалификувана работна сила.

Во оваа насока, г. Фатмир Етеми посочи дека, иако Генералниот урбанистички план е усвоен пред повеќе од 13 години, сè уште не е донесен ниту еден Детален урбанистички план, што претставува прекршување на законските рокови кои предвидуваат нивно ажурирање на секои пет години.

Почесниот претседател, г. Џемаил Даути, ја потенцираше потребата од инфраструктурни реформи и јакнење на јавно-приватните партнерства. Тој нагласи дека треба да се бара отчетност за нереализираните проекти и да постои можност за отповикување на градоначалник во случај на непочитување на законите. Потребни се итни инфраструктурни реформи во повеќе општини, со цел обезбедување директна поврзаност со автопатот, што ќе овозможи поефикасно функционирање и на граѓаните и на бизнисите.

Исто така, беше нагласена неопходноста од реформи во образованието со цел изградба на квалификувана работна сила и промена на пристапот кон инвестирањето во младите. Г. Агрон Мустафи истакна дека ова е начин да се спречи миграцијата преку отворање нови работни места и стимулирачки мерки.

СКСЗМ ќе продолжи со средбите и со другите политички партии, со цел промовирање на Платформата и создавање на постабилна и поповолна економска средина за бизнисот и граѓаните на локално ниво.