30–31 март 2026 година, Будимпешта – В.Д. Претседателот на СКСЗМ, Нухи Алиу, учествуваше на меѓународниот промотивен настан организиран во рамки на проектот „Промоција на Инвестициската мапа“, наменет за бизнис заедницата и насочен кон продлабочување на економската соработка меѓу Република Северна Македонија и Унгарија.
На овој настан учествуваа и компании членки на СКСЗМ, вклучително и Neting Institute, BIS OIL, Центар Rea и Magna Group, како и високи претставници на Владата на Република Северна Македонија, со што се потврдува активниот ангажман на приватниот сектор и институционалната поддршка во промоцијата на инвестициските можности и проширувањето на меѓународната соработка.
Во текот на настанот беше презентирана Инвестициската мапа на Република Северна Македонија, при што детално беа разработени инвестициските можности, придобивките за инвеститорите, клучните сектори за развој, како и конкурентските предности што ги нуди државата.
Настанот вклучи и Б2Б средби помеѓу компании од двете земји, создавајќи простор за воспоставување нови партнерства и конкретизација на идните деловни соработки.
Оваа соработка се рефлектира и на нивото на трговската размена меѓу двете земји. Трговската размена со Унгарија во 2025 година достигна 576,9 милиони евра, од кои 363,2 милиони евра извоз, додека увозот изнесуваше 213,7 милиони евра.




