Раководството на Стопанската комора на северо-западна Македонија одржа состанок со министерот за правда, Игор Филков, на кој беа дискутирани предложените измени на Законот за извршување, со посебен фокус на член 218.
На состанокот присуствуваа в.д. претседателот Нухи Алиу, извршниот директор Дурим Зекири, почесниот претседател Џемаил Даути и оперативната менаџерка Миранда Ајдини.
Главната цел на состанокот беше разгледување на нацрт-измените објавени на ЕНЕР, кои предвидуваат проширување на заштитата на средствата и имотот на државните институции, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија од постапките за извршување.
СКСЗМ веќе многу години алармира за проблематиката што ја предизвикува член 218 во договорните односи меѓу приватниот сектор и јавните институции, создавајќи правна несигурност и потешкотии во остварувањето на побарувањата на компаниите.
Во таа насока, СКСЗМ ги презентираше своите конкретни предлози, барајќи бришење на член 218 со цел да се обезбеди еднаков третман за сите правни лица и зголемување на правната сигурност во деловните односи. Истовремено, беше истакната важноста од зајакнување на транспарентноста и отчетноста на јавните институции, како клучни елементи за стабилна и доверлива бизнис-клима.
Извршниот директор, г. Дурим Зекири, истакна дека приватните компании, покрај другите економски предизвици, се соочуваат и со недостаток на правна сигурност во однос на јавните институции, поради ограничувањата во механизмите за извршување и правната заштита што им се обезбедува на истите.
Министерот за правда, г. Игор Филков, изрази подготвеност за соработка и ги поздрави предлозите на СКСЗМ, оценувајќи ги како разумни и вредни за унапредување на законските решенија. Тој нагласи дека истите ќе бидат разгледани во рамки на работната група за изработка на соодветниот закон.
СКСЗМ го оценува како неопходно адресирањето и решавањето на овие прашања на систематски начин, истакнувајќи дека балансиран пристап кој гарантира заштита на јавниот интерес, но и институционална одговорност и правна сигурност за бизнисите, ќе придонесе за создавање поправедна и пофункционална средина за сите страни.






