Стопанската комора на Северо-Западна Македонија организираше Свечен настан по повод 20-годишнината од своето основање, одбележувајќи две децении посветеност во застапувањето и унапредувањето на интересите на деловната заедница.
Овој значаен јубилеј собра стотици претставници на државните институции, бизнис-заедницата, домашни и меѓународни партнери, како и бројни гости, кои заедно се осврнаа на досегашниот пат и придонесот на СКСЗМ во економскиот развој на државата.
Беше потсетено на првата клучна средба со која започна иницијативата за основање на Комората на 4 декември 2004 година, настан што засекогаш ја промени траекторијата на бизнисот и економијата во земјата.
В.д. претседателот на СКСЗМ, во своето обраќање истакна дека: „На ова патување, СКСЗМ треба да остане домот на албанскиот бизнис, институција која не само што слуша, туку и дејствува; не само што претставува, туку и ги штити интересите на нашите стопанственици, денес и за генерациите што доаѓаат. Имаме силна дијаспора, талентирани млади луѓе и исклучителен потенцијал. Она што ни е потребно е да продолжиме да веруваме едни во други и заедно да чекориме напред.“
Поздравни обраќања имаа и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, како и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, г. Александар Николоски.
На настанот беше промовиран и документарниот филм за 20-годишниот пат на СКСЗМ, како и јубилејната монографија, во која свое место имаат бројни компании и личности што биле дел од развојот и придонесот на Комората во изминатите две децении.
Настанот претставуваше и момент на признание за сите компании-членки, основачите, партнерите, претседателите на Собранието на СКСЗМ, извршните директори, поддржувачите низ годините, институционалните соработници и претседателите на Комората. Воедно, беа доделени и Post mortem признанија за починати личности, како и признанија за медиумите кои придонесоа да се слушне гласот на институцијата што го претставуваше албанскиот бизнис,институција која уште од своето основање имаше инклузивна визија и бараше единствено еднакви и праведни услови за вистинска конкуренција на домашниот пазар.
Извршниот директор на СКСЗМ, г. Дурим Зекири, во своето поздравно обраќање изрази благодарност до сите соработници и партнери кои придонеле за развојниот пат и успесите на Комората во текот на изминатите 20 години.
Со своето учество, настанот го збогатија и оркестарот и хорот на Ансамбл на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, изведувајќи ја песната „Од Тетово до Дебар“.
Дваесет години подоцна, СКСЗМ останува истиот глас на бизнисот кој произлезе од визија, храброст и потреба за достоинствено претставување. Почитувајќи го минатото и придонесот на генерациите што ја обликуваа, Комората продолжува да гледа напред со одговорност, амбиција и доверба во потенцијалот на домашниот бизнис.




