16.10.2025 – Во просториите на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија се одржа средба со независниот кандидат за градоначалник на Општина Гостивар, г. Висар Адеми. Со оваа средба, СКСЗМ го заокружи циклусот на средби со претставниците на политичките субјекти и кандидатите за градоначалници, во рамките на континуираниот дијалог за локален економски развој и подобрување на бизнис-климата, како и претставувањето на предлог-мерките кои СКСЗМ ги има за соодветните општини.
Г. Висар Адеми беше пречекан од в.д. Претседателот на СКСЗМ, г. Нуxи Аљиу, Извршниот директор, г. Дурим Зекири, и Почесниот претседател, г. Џемаил Даути, со кои се водеше отворена дискусија околу програмата на кандидатот за градоначалник, како и платформата на СКСЗМ.
Во своето обраќање, в.д. Претседателот на СКСЗМ, г. Нуxи Аљиу, ја истакна важноста на јавно-приватното партнерство како клучен фактор за одржлив развој на локално ниво. Тој додаде дека соработката помеѓу јавните институции и приватниот сектор е предуслов за зголемување на инвестициите, подобрување на инфраструктурата и зајакнување на локалната економија, нагласувајќи дека СКСЗМ е посветена да биде мост што ги поврзува бизнисите со локалната власт.
Од своја страна, г. Висар Адеми ја претстави својата владина програма за Општина Гостивар, со посебен фокус на економскиот развој, вработувањето и претприемништвото, образованието и зајакнувањето на младите, транспарентноста на институциите, дигитализацијата и иновациите, урбанистичкото планирање и инфраструктурата, како и културното наследство, туризмот и дијаспората. Тој посебно го потенцираше значењето на зелените инвестиции, истакнувајќи дека сите капитални проекти треба да бидат насочени кон користење на соларни панели и обновливи извори на енергија, како пат кон одржлив развој и заштита на животната средина.
Во продолжение, Извршниот директор на СКСЗМ, г. Дурим Зекири, ги презентираше главните точки од Платформата за Локален eкономски развој на РСМ, поврзувајќи ја дискусијата со првиот стратешки столб на Комората, односно владеењето на правото, ефективни институции со фискална и финансиска одговорност, како суштинска потреба за силна економија на слободен пазар. Притоа, тој ја потенцира и потребата од реформи во јавните и државните институции, развојот на локалната економија, инфраструктурата и животната средина, земјоделството, летниот и зимскиот туризам, како и транспарентноста и отчетноста.
Почесниот претседател на СКСЗМ, г. Џемаил Даути, го нагласи прашањето за децентрализацијата на власта, истакнувајќи дека по завршувањето на локалните избори, неопходно е да се изработи заеднички концепт за децентрализација во соработка со сите градоначалници, со цел да се обезбеди поефикасно и поавтономно функционирање на локалната власт.
На крајот на средбата, се дискутираше и за проблематиката на управување со отпадот, при што беше потенцирана потребата од одржливи решенија за негово собирање и третман, како една од главните предизвици за подобрување на квалитетот на животот и животната средина во Општина Гостивар.