Усвоени се измените и дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите

Собранието на Република Северна Македонија ги усвои измените на Законот за финансиска поддршка на инвестиции, објавен во Службен Весник на Република Северна Македонија бр. 178 од 4-ти август 2021.

Измените вклучуваат промена во условите за доделување на финансиска поддршка на компании кои инвестирале во услови на КОВИД со преодна одредба со важност во 2021 година за дозволен пад на приходи до најмногу 15% во 2020 година за склучување на нови договори, а дополнително условите за приходи од работење и вработени нема да важат при поднесување на барање за исплата.

Направена е промена и во опфатот на компании кои ќе можат да склучат договор преку доуредување на условите, односно олабавување на правилата во делот на носители на лиценци, производители на акцизни стоки, вршители на дејност од јавен интерес, наменско производство, итн.

Во новиот ЗФПИ направено е и допрецизирање и поедноставување на дел од мерките и критериумите во мерките, согласно направената анализа на искористеност како и прецизирање на условите за инвестиции од дијаспората и зголемување на процентот на финансиска поддршка од 10% на 15%.

Важна измена во новиот закон е и регулирањето на рамномерниот регионален развој, па така компаниите кои ќе реализираат инвестициски проекти во помалку развиените плански региони ќе добиваат дополнителна финансиска поддршка. Дополнителната помош ќе се пресметува како процентуална разлика помеѓу регионот со највисока вредност на БДП по глава на жител и вредноста на БДП по глава на жител на регионот во кој се реализира инвестицијата.