СКСЗМ: Предизвиците во секторот за Информатички технологии и комуникации во Македонија

26 Септември 2017 – Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија во соработка со МАСИТ, Стопанската комора на Македонија и Епи Центар Интернационал денес го организираа форумот Регулатива на работните односи и пазарот на труд во ИКТ секторот во рамки на Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива.

Целта на проектот е да им помогне на микро, малите и средни компании да бидат подобро усогласени со законската регулатива а воедно да им помогне на бизнис организациите да воспостават конструктивен дијалог со надлежните институции во насока на подобрување на регулативата.

Целта на форумот е да се обработат и дискутираат теми поврзани со регулативата на работните односи а кои се специфични за ИКТ (информатички и комуникациски технологии) секторот, односно:

  • Регулирање на работните односи во ИКТ секторот (флексибилност на работно време, прекувремена работа, работа од дома, пракси)
  • Плати и надоместоци од работен однос (плаќање на работата, прекувремени часови, работа на празник, распоред на работно време и различните временски зони, надоместоци на трошоци за службен пат, подолг престој во странство, дополнителни исплати/подароци/стимулации/награди на вработените)
  • ИКТ и пазарот на труд: Успешни примери и искуства од регионот (меѓународни регулативи и примери, кодекс за работа на ИКТ работни места, даноци за работни места и работа со ИКТ, ИКТ бизнис асоцијации, деловно опкружување и застапување)

На форумот покрај експертите беа поканети и претставници од Министерство за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, Министерство за информатичко општество и администрација, Државен инспекторат за труд, претставници од ИКТ приватниот сектор, претставници од факултетите кои образуваат ИКТ кадри и претставници од интернационални организации кои имаат активности во оваа област.