СКСЗМ, единствена во регионот со Кодекс на добри деловни практики

Кодексот на добри деловни практики беше презентиран и одобрен на седницата на Собранието на СКСЗМ. Овој документ произлегува директно од Статутот на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, како и од нејзината проактивна ориентација да придонесе за градење капацитети и подобрување на условите за работа во деловните субјекти – членки на СКСЗМ.

Идејата за донесување на овој кодекс дојде како резултат на потребата од заемна поддршка меѓу деловните субјекти во нивните деловни активности. Ваквата иницијатива беше неопходна особено за време на овој тежок период на пандемија кога ликвидноста на многу компании се намали и  e од суштинско значење бизнисите да се поддржуваат меѓусебно со цел да се надмине оваа криза со што помалку последици.

Кодексот се заснова и се спроведува според некои општи принципи и одредби, како што се: сигурност и кредибилитет, почитување на поединецот и општеството, транспарентна и фер комуникација, усогласеност со законските одредби и статутот на СКСЗМ, фер и лојална конкуренција, Заштита на лични информации и податоци, Спречување на судир на интереси, Заштита на здравјето и безбедноста при работа како и Транспарентност, отчетност и проактивно учество на сите деловни чинители.

Стопанската комора на северо-западна Македонија во својата мисија за организирање, унапредување, заштита на интереси и промовирање на бизниси дома и во странство, отсекогаш била и продолжува да биде пионер во нови иницијативи.