СКСЗМ ги поддржува компаниите во користењето на средствата од третиот столб

23 Мај 2018 – Со цел поддршка на компаниите во насока на зголемување на конкурентноста и користење на државните субвенции, Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој денес пред бизнисите го презентираа последниот јавен повик, објавен како дел од планот за економски раст од третиот столб, кои се однесуваат на финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија.

Јавниот повик со буџет од 645 милиони денари беше објавен кон крајот на април и ќе трае до 11 јуни 2018 година Досега поголем интерес има за финансиски трошоци до 60 проценти за иновации, нови производи и услуги, од идеја до пласман, за кои е предвидено 20 милиони денари, а во овој сегмент се три четвртини од фирмите што аплицирале.

Условите за аплицирање и критериумите според кои ќе се врши изборот ги презентираше директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, а потоа имаше простор за прашања од компаниите. Во оваа дискусија беа детектирани проблемите со кои се соочуваат компаниите при подготовка на апликациите и другите процедури за време на аплицирањето.

Досега се пријавија повеќе од 320 компании за алатките од третиот столб на планот на Владата за економски раст. До крајот на повикот се очекува двојно зголемување на овој број, а на почетокот на јули потпишувањето на првите договори, рече директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Исто така, од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, формирано е работно тело со кое деловната заедница е вклучена во реализацијата на целиот план – од објавувањето на повикот до потпишување на договорите, а дел од ова тело е и Стопанската комора на Северо-западна Македонија.

Од Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, изјавија дека ќе работат во насока на максимално искористување на овие средства во текот на процесот на подготовка на проектите, преклу елиминирање на сите пречки кои ќе се појават при аплицирање на компаниите.

Преку нашите консултанти ќе им помогнеме на членовите да ги подготват апликациите, затоа со цел максимално искористување на овие средства го организиравме денес овој консултативен состанок, каде компаниите ги изразија проблемите во подготовката на документите за апликација и очекуваме овие средства да бидат поттик за вработување на нов кадар во компаниите и развивање на нивната конкуренција, рече извршниот директор на СКСЗМ, Дрилон Исени.