Се објави првото издание на Белата книга за добри филантропски и практики за општествено одговорни претпријатија

Во просториите на Стопанска комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) се организираше Бизнис форум и беше промовирана Белата книга за добри филантропски и ООП практики. Белата книга ја промовира филантропијата и ги насочува компаниите да донираат на системски начин водени од потребите и приоритетите на заедницата. Таа ги информира сите засегнати страни за влијанието и вредноста што ја имаат кон општеството. Компаниите коишто ја прифаќаат општествена одговорност како дел од водењето успешен бизнис се грижат за нивнито еколошко, социјално и управувачко влијание. Тие најнапред го намалуваат своето негативно влијание врз животната средина и општеството, а потоа позитивно влијаат врз заедниците за да создадат дополнителна вредност.

На форумот се разговараше и за предизвиците на филантропите и компаниите кои донираат, при што беа истакнати недостатоците што ги има законската рамка на овој план, оптоварувајќи ги донаторите со долги бирократски процедури. Компаниите активно застапуваат да се поедностави постапката за даночни олеснувања, промена која на долг рок ќе донесе зголемување на бројот на донации и промовирање на долгорочни донации, транспаренти партнерства и евидентирани донации.

На овој форум се одржа панел дискусија на тема „Предизвикот на филантропите помеѓу социјалната перцепција и административните пречки“, каде панелисти беа Александра Шк’мби Антовска, претставник на групацијата „UNIQA Македонија“; Нина Шерифовска, директорка на „Фондацијата Енвер Малиќи“; Абдилезел Догани, извршен директор на „Везе Шари“ и Никица Кусиникова, извршена директорка на „Здружението Конект“.

Оваа активност се реализираше во рамките на Проектот на УСАИД Партнерства за донирање , во соработка со здружението Конект, со Европскиот центар за непрофитно право, Индиго и Американската стопанска комора (АМЧАМ).