Претседателот Ќура во Прага – Поканува чешки инвестиции во РСМ и бара поддршка за Евроинтеграции
На 21.09.2023 година, Прага, Чешка – Претседателот на СКСЗМ, г-дин Ќура беше говорник на Бизнис конференцијата организирана од Invest North Macedonia во Прага на тема „Инвестициски можности и WBIF грант процес.
Во својот говор, претседателот Ќура се фокусираше на деловниот и комерцијалниот потенцијал на пазарот на Северна Македонија и економските перспективи на северозападниот дел од земјата.
„Како претседател на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија ми се дава можност да го изразам нашиот став и поддршка кон странските инвестиции и соработката, со посебен акцент на инвестициите од Европската Унија и Чешка, искусен партнер кој ќе ни помогне да ги постигнеме нашите цели, вклучително и процесот за членство во ЕУ“ – нагласи Ќура.
Меѓу друго, г. Ќура нагласи дека трговска размена помеѓу РСМ и Чешка е значително зголемена во последните четири години и дека СКСЗМ игра важна улога во привлекувањето големи инвестиции во нашата земја, особено во секторите како што се земјоделството, градежништвото и планинскиот туризам, како и во другите области на туризмот, нагласувајќи го потенцијалот што го нудат Струга и Охрид како најголеми туристички атракции во државата.
Претседателот Ќура најави дека СКСЗМ е подготвена да ги поддржи чешките инвеститори со цел дополнително да ја зголеми соработката меѓу двете земји и да помогне во економскиот развој на земјата.