На 20ти декември, во Владата на Република Македонија се одржа втората седница на Комисијата за јавно приватен дијалог, којашто произлезе како резултат на склучениот меморандум за соработка помеѓу Владата и најголемите четири стопански комори (Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори и Стопанска комора на Северозападна Македонија).
Главната цел на овој процес е воспоставување на дијалог помеѓу јавниот и приватниот сектор, акцентирање на веќе препознаените проблематични делови од поедини закони, потенцијални измени и регулаторни норми кои се тешки или невозможни за соодветна имплементација и не ја постигнуваат целта на своето постоење.
Беа подвлечени повеќе теми кои се сметаат за актуелни, меѓу кои се најдоа прашањата за тековната измена на регулативата под надлежност на Министерството за транспорт и врски, Министерството за финансии, Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделие.
На седницата беше договорено одговорите и ставовите на надлежните министерства да се достават најдоцна до крај на месец декември, а следна седница на Комисијата за јавно приватен дијалог, според динамиката на работа, да се одржи на почетокот на месец март 2019 година, со цел разгледување и усвојување на досегашната работа од коморите и исполнување на очекувањата на истите.









