Нови можности за успех на младите и жените

18 Maj 2017– Водејќи се од идејата дека на одредени групи граѓани им е потребен поттик за креирање и создавање успешни бизнис приказни, од денеска, почна со работа новиот Create Hub во Македонија, отворен во рамки на Стопанската Комора на Северо- Западна Македонија. Главна цел на овој ХАБ е да даде можност и поддршка на младите, жените претприемачи и жените од помалку развиените региони на Македонија за да се поттикне нивното вработување и финансиска независност.

ХАБ-от ќе нуди работен простор во цела Македонија, консултации со стручни лица, обуки и семинари, менторство, вмрежување и олеснет пристап до алтернативни извори на финансирање.

За Фатмир Битиќи, извршен директор на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија (СКСЗМ), овој бизнис ХАБ ќе овозможи услови и алатки за едукација и вмрежување на младите претприемачи, развој на иновациите и зајакнување на бизнисите, а со тоа ќе придонесе и кон позитивно движење во насока на развој на економијата.

„Протежираме поголема вклученост на младите и жените во бизнисот, на начин што сакаме да ги канализираме нивниот потенцијал и енергија и да ги претвориме во ефикасни и финансиски исплатливи проекти. Create Hub ќе биде свет во кој развојот и успехот ќе бидат неминовни и затоа ги повикуваме и ги охрабруваме сите заинтересирани млади да се пријават и да добијат можност и поддршка да го работат тоа што го сакаат и да станат тоа што сакаат да бидат “, рече Битиќи на денешното свечено отворање на Create Hub.

CREATE Hub-от ќе биде лоциран во просториите на Стопанската Комора на Северо -Западна Македонија, а е поддржан од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (Increasing Market Employability – IME) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), имплементирана од Swisscontact и локалниот партнер PREDA Plus.

Директорот на Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, Марјан Степановски, очекува дека овој бизнис ХАБ ќе има позитивно влијание врз некои социјални и економски предизвици.

„Главната идеја на овој проект за материјализација на првичната идеја во вистински одржлив бизнис и воспоставување на новоформирани компании од страна на младите и жените е од големо значење за целото општество. Искрено се надевам дека Create Hub со услугите и менторството ќе обезбеди адекватна поддршка на идеите, талентите и иновациите“, потенцира Степановски.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост веќе неколку години ги поддржува иницијативите кои потекнуваат од приватниот сектор за подобрување на состојбите во економијата и зголемување на вработеноста пред сѐ на жените и младите.

Стефан Томаџан, заменик шеф на мисијата на Амбасадата на Швајцарија во Р. Македонија, во своето воведно обраќање на денешната промоција потенцираше  дека поддршката на претприемништвото односно бизнис заедницата во Македонија е една од нивните стратешки определби.

„Швајцарија е силно посветена на поддршка на претприемништвото во Македонија и навистина сме благодарни што имаме партнери како Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија која доаѓа од бизнис заедницата, ги знае реалните потреби на бизнисите и ќе обезбеди услуги и производи според специфичните потреби на тие бизниси.“ – рече Томаџан.