Министерството за економија го прифаќа барањето на СКСЗМ за замрзнување на профитната маржа

11.03.2022, Скопје – Стопанската Kомора на Северо-Западна Македонија, по извршената анализа, констатира дека замрзнувањето на трговската маржа е штетно за економијата на земјата во овој период на криза, а анализата покажа дека е неопходно од листата на замрзнати производи со одлука на Владата да се тргнат солта, овошјето и зеленчукот.

Со оглед на кризата во која се наоѓа нашата земја, СКСЗМ реагираше на Одлуката за посебни услови за промет на одредени стоки, која стапи на сила од 1 март 2022 година, каде што ќе се замрзне  бруто маржата на основните производи, не дозволувајќи им на стопанствениците да ги пресметаат логистичките и оперативните трошоци за тие производи, принудувајќи ги да работат со загуба.

За да се избегне недостатокот на тие производи на пазарот, претставници на СКСЗМ на средбата што ја одржаа со министерот за економија, г. Крешник Бектеши, ги изразија своите ставови дека треба да се менува членот 1 од првичната одлука, односно замрзнување на профитната маржа, а не на трговската маржа. Исто така, беше побарано да се отстранат од списокот на производи солта, овошјето и зеленчукот.

Исто така, на оваа средба бизнис заедницата изрази разбирање за ситуацијата што ја зафати нашата земја, и се договорија леб бел и полубелиот, сончогледово масло за јадење и пченичното брашно тип 400 да се продаваат без профитна маржа во трговијата со мало.

СКСЗМ ја цени подготвеноста на министерот Бектеши и на Владата за соработка и за избегнување на секакви пречки кои можат да нанесат штета на бизнисот, граѓаните и економијата воопшто.

Партнерството на економските ресори и Владата со бизнисот е неопходно и е единствениот пат кон сигурен социјален и економски развој на нашата земја.