„Како да се подобри бизнис опкружувањето во Македонија – општествени и економски промени“

Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија во соработка со Стопанската Комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – (МАСИТ), Сојузот на Стопански Комори на Македонија и ЕПИ Центар Интернационал денеска во Битола организираа економски форум на тема: „Како да се подобри бизнис опкружувањето во Македонија – општествени и економски промени“.

 

За време на овој форум се дискутираа различни теми кои имаат врска со даночната регулатива и работната сила, кои се специфични за ИКТ секторот. Учесниците ја имаа можноста да бидат дел од дискусиите со експерти во врска со проблемите за даноците во секторот на информативната технологија и комуникација и отсуството на работната сила во овој сектор.

 

Истотака, во овој форум се промовираше и досегашната работа за пројектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива„ финансиран од УСАИД, вклучувајќи ги и предлозите за подобрување на законските прописи, насоките за воспоставување и управување со бизнисот и порталот biznisregulativa.mk, кој служи за запознавање на компаниите со најновите вести и економските активности во земјата. Овој портал е механизам за запознавање на компаниите со сите постојни законски обврски за нив.