ИПАРД програмата за бизнис заедницата е можност за развој на претпријатијата
Бизнисмените од Стопанската Комора на Cеверо-Западна Македонија денеска имаа можност одблиску да се запознаат со можностите и критериумите кои се предвидени во ИПАРД 2 програмата 2014- 2020. Претседателот на СКСЗМ, г.Неби Хоџа истакна дека стратешка цел на комората е како компаниите да стасаат до финансиски средства. Со денешниот состанок ќе можеме да дојдеме токму до информации како нашите членки да стигнат до свежи пари.
„ Имаме добри примери до сега, се надевам дека на отворените повици ќе има поголем интерес за искористување на средствата од ИПАРД програмата. Апелирам сите компании да ја искористат оваа шанса, а компаниите кои не знаат сами да подготват барања нека се обратат кај нас да ги советуваме и да им помогнеме за да можаат на побрз и полесен начин да дојдат до средства со кои ќе ги развијаат нивните бизниси. “ – истакна претседателот на СКСЗМ, г.Неби Хоџа.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, истакна дека денешната средба е од голем интерес за сите, и за АФПЗРР, но и за стопанствениците членки на СКСЗМ. Бабовски,истакна дека само со квалитетните апликации, и со заедничка посветеност за реализација на инвестициите може да повлечеме повеќе средства од вкупно расположливите 25 милиони евра со актуелните Повици за Мерките еден и три.
„ Многу е важно сите заедно да работиме на модернизација на постојните, изградба на нови капацитети во агро – секторот, како и на создавање на производи со додадена вредност. Само на тој начин може да обезбедиме, поголем квалитет на домашните производи, повисок економски раст, а со тоа и поголем прилив на средства и во касите на домашните претпријатија, но, и во државната каса, што пак од друга страна ќе значи и отворање на нови работни места, но и нови пазари. – истакна директорот на АФПЗРР Николче Бабовски.
Претставниците на телото за управување со ИПАРД, истакнаа дека, со помош на Мерката 3 „ Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи ќе може да се инвестира во ;
„Преработувачки капацитети за млеко и млечни производи, месо и производи од месо, вклучително и живина и јајца. Потоа преработка на овошје, зеленчук, житарици, мелнички продукти и скроб, преработка на вино и оцет при што половина од вложените средства ќе им биде кофинансирана односно ќе им бидат вратени 50 отсто од парите кои им се одобрени како прифатлив трошок. За оваа мерка повикот е отворен до 29- ти јануари, а на располагање се вкупно 13 милиони евра.- истакна Живко Брајковски, раководител на Телото за управување со ИПАРД при МЗШВ.
Исто така тој посочи дека до 9- ти февруари е отворен и повик за Мерка 1„, Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства “ , односно да се градат или реконструираат објекти за добиточна храна, складишта за храна, оранжери капацитети за ладење – калибирање и пакување на земјоделски производи. Исто така може да се набавуваат и машини и опрема за земјоделство, системи капка по капка, но, не и трактори, затоа што Буџетот за оваа намена е искористен со претходниот повик. Вкупната финансиска поддршка во рамките на овој Јавен Повик изнесува близу 12 милиони евра.
Инаку телото за управување со ИПАРД, МЗШВ, и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој започнаа силна промотивна кампања за ИПАРД 2 2014- 2020,која ќе трае 18 месеци и во чии рамки ќе се оддржат 3 форуми, 6 работилници, и 80 инфо денови.