Интервју за економскиот магазин “Бизнис и Економија” со претседателот г-дин Мендерес Кучи
Е&Б: Господине Кучи, вие сте претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија. За почеток, кажете ни малку повеќе за работата на вашата комора, колку членки имате, со кои дејности најмногу се занимаваат вашите членки, итн.
М.Кучи: СКСЗМ е Комора која е основана пред точно седум години, и како што кажува и името, таа е насочена кон заштита и застапување на најдобар можен начин на интересите на своите членки, како и водење-советување на бизнисите во својата секојдневна работа во Северо-западниот дел на Македонија. Ние намерно го имаме избрано овој регион и работа со повеќе ранливи категории на бизниси, како што се бизниси кои се гравитираат во помалку развиени подрачја, рурални како и водени или застапувани од припадници на етничките заедници. Ние сме горди на ова, затоа што сме единствена Комора која успеа да сплоти толку голем број на членки од горе наведените категории.
Постоењето на нашата Комора за овие седум години, беа години на етаблирање и позиционирање така да ова имаше улога и во бројот на членките. Но тој број е во брзо растечки тренд. Нашите членки оперираат во различни сектори на делување: Трговија 34.08%; Производната индустрија 12.87%; Прехрамбената индустрија 13.31%; Градежната индустрија 10.85%; Траснпорт и туризам околу 9% и во услужната дејност околу 17%; Преработувачката индустрија 3.2%.
Е&Б: Според вас, кој е најголемиот успех на вашата Комора досега?
М.Кучи: Нашите успеси ние ги гледаме од неколку аспекти, во однос на анимирање на членството и бизнис заедницата како и во однос на подобрување на опкружувањето во стопанството.
Од аспект на членството, сметаме дека сега после 7 години сме успеале да до некоја мера ја зголемиме довербата на нашите бизнис членки во организирано делување и намалување на нивната скепса дека може на организиран начин да се постигне придобивка за поголема целна група.
Второ постигнување е позиционирање на нашата Комора како еден од рамноправните партнери во креирање на економските политики од страна на владата.
И третото постигнување се однесува на нашиот придонес во подобрената легислатива во однос на стопанството кое постои во Македонија
Е&Б: Од друга страна, која е вашата визија за идното работење на комората? Каде ја гледате вашата комора после 10 години? Мислите ли дека и нешто генерално треба да се менува во работата на стопанските комори во земјата?
М.Кучи: СКСЗМ за десет години ја гледам од два аспекта, првиот е како клучен чинител во застапување на бизнис интересите и развој на поволно опкружување за адекватен развој на стопанството. И второ, како единствен актер во Северо-западниот регион кој на најадекватен, организиран и професионален начин ќе поттикне, поддржи и лобира за рамномерен економски развој на овој регион и со тоа овој регион ќе биде еден од поразвиените региони во поширокото опкружување.
Е&Б: Да се вратиме на она што најмногу ги засега сите во земјата – економските случувања. Како вие и вашите членки ја оценувате сегашната состојба во македонската економија? Кои се според вас најголемите проблеми што денес ги мачат бизнисмените во земјава?
М.Кучи: Ние сме конзистентни во давањето на оценката за економските збиднувања. На пример ние уште во првиот квартал велевме дека има пад во одредени гранки (пр. Градежната индустрија), но реакциите по се изгледа доаѓаат малку покасно од тоа што би сакале. Сметаме дека немањето на обртни средства (народно кажано беспарицата) е основниот проблем што го мачи нашето стопанство и доведува до голема неликвидност на компаниите. Ова најпрвин се генерира од самото задолжување на Владата кон стопанството, па меѓусебното задолжување на субјектите и тоа се врти во круг. Таму каде што требаат пари зборовите се одвишни.
Е&Б: Што е решение за тековните проблеми? За проблемот со неликвидноста веќе извесно време вие предлагате во земјата да се донесе свеж капитал. Од каде би дошол тој капитал, во која форма, и кој износ би бил доволен?
М.Кучи: Да тоа го тврдиме цело време и веруваме дека во тоа е решението. Сметаме дека свеж капитал може да се внесе во економијата од два аспекти: владата да почне конечно да отплаќа дел од задолжувањата, и ние на пример имавме конкретен предлог, наместо да се продолжи со непродуктивните “капитални” инвестиции како што владата ги нарекува спомениците и другите пропратни објекти, истите да се одложат или прекинат и тие средства да ги внесе во стопанството како дел од нивното задолжување.
И вториот аспект е давање можност на домашен, регионален па и странски капитал да влезе во стопанството. Ние сметаме дека Македонија се наоѓа на стратешко место и дека регионалните врски треба и тоа како да се искористат се со цел капиталот сепак да заврши кај нас.
За последните мерки сметаме дека не се лоши 100-те милиони Евра од ЕБРД, 11 милиони Евра докапитализација на МБПР, но секогаш ако вистински тие се насочат на право место и запазувајќи го рамномерниот економски развој.
Е&Б: Да се префрлиме од оперативно на стратешко ниво. Во Македонија не е само проблемот како да се преживеат тековните проблеми во 2012 година. Многумина го ставаат под прашање и целокупниот економски модел и бараат владата целосно да го пренасочи својот фокус на квалитетни капитални инвестиции во патната инфраструктура, железничкиот сообраќај, енергетиката. Значи, стратешки, треба ли да се менува нешто во поставеноста на економската политика на земјата?
М.Кучи: Процесот на економската транзиција која требаше да води кон преструктуирање и правец на економијата од планско во тоа што се вели пазарна економија, иако е започнат одамна ние се уште сметаме дека е клучот за тешката социо-економска ситуација во земјата.
Ние сме свесни дека без подобрување на бизнис климата како и условите во кои стопанството ќе опстојува, не можеме да очекуваме ниту свеж капитал, ниту поттик за развој на нашите компании. И погоре во интервјуто наведов, дека во државата треба само средствата да се прераспределат на малку поадекватен начин и тоа бргу ќе доведе до резултати.
Во прашањето наведувате три области, јас можам да кажам дека во третата област има некаков прогрес, но првите две немаат воопшто прогрес веќе 10 години, а знаеме дека транспортот е една од варијаблите што и тоа како влијаат во одредувањето на чинењето на еден производ и нормално на конкурентноста на истиот. Затоа сметаме дека владата мора под итно, на било кој од начин, дали со кредит, јавно-приватно партнерство или давање под концесија, еднаш засекогаш да ги заврши започнатите коридори 8 и 10 во патната инфраструктура и железницата. Да започне со планови за инвестирање во патните правци каде имаме најголем извоз, Косово, како и подобрување на меѓуградските поврзувања со модерна патна и друга инфраструктура. Само така сметаме дека ќе бидеме во можност да бидеме конкурентни на глобалниот пазар.
Е&Б: Во кои дејности, индустрии, го гледате најголемиот потенцијал за економски раст на Македонија? Што мислите, како би можела државата да го помогне развојот на тие дејности?
М.Кучи: Ние, како комора мислиме дека има две иднустрии што треба да се поддржат: Производната индустрија (земјоделие и други области типични за Македонија), како и преработувачката индустрија.
Владата би требала да има поголем слух и капацитет за да ги разбере потребите на бизнисите кои работат во овие области. Само за пример: Задолжувањата во ЕБРД, и на други места се едни од мерките, но тие се задолжувања. Имаме бесповратни пари што многу тешко се користат, ИПА средствата. Пр. ИПАРД досега од планираните скоро 84 милиони Евра, едвај се искористени 10-15%, а да не зборуваме за скоро 300 милиони Евра национални пари што им се даваат за земјоделците преку АФПЗРР, а за кои никој досега не успева да дознае како и колку се потрошени.
Да резимирам, парите и секторите каде треба да се помогне се познати, потребен е начинот на кој треба да ги ефектуираме.
Е&Б: Што велат странските бизнис партнери, на пример од Албанија, им помага ли ним тоа што албанската влада инвестира огромни пари во патната инфраструктура?
М.Кучи: Сигурно, само еден показател за Албанија, изградбата на автопатот Драч – Кукс (како што го нарекуват Патот на нацијата) го има зголемено извозот кон Косово на одредени производи за повеќе од 250% во еден краток период. Да не зборуваме за другите придобивки, побрзиот проток на луѓе, стоки итн. Но за Албанија, сметаме дека освен инфраструктурата од особена важност е зачленувањето во НАТО, што е показател на сигурноста на земјата за странските инвестиции.
Овие два показатели, спремноста на владата за инвестирање во патната инфраструктура и зачленувањето во НАТО ги даваат своите резултати.
Е&Б: Генерално, како оди соработката на вашите членки со други фирми од регионот? Гледаат ли потенцијален пазар во соседството што Македонија би можела релативно брзо да го освои? Се согласувате дека без извоз Македонија не може да напредува.
М.Кучи: Да, согласни сме дека извозот е една од клучните алки за економски раст на нашата земја. Партнерите од регионот се спремни и подготвени да влезат во заеднички инвестиции со партнери од Македонија затоа што во нас гледаат додадена вредност за влегување во целиот пазар во бивша Југославија а и пошироко,и тоа заради малата културна разлика и јазикот кој што го владеат бизнисите кои што оперираат кај нас.
Е&Б: Господине Кучи, една од работите што остава силен впечаток во врска со вашиот ангажман како претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија е вашата подготвеност јасно и гласно да кажете што мислите. Учествувате на јавни дебати, она што ви се допаѓа го фалите, она што не ви се допаѓа го критикувате. И вие верувате дека во земјава ни недостасува многу поголема отворена јавна дебата за клучните прашања во земјата, вклучително и за економијата?
М.Кучи: Да се каже реалноста и да критикуваш, значи дека даваш позитивен придонес во дефинираните процеси кои ги има Комората. СКСЗМ за финална одлука има сензибилизација и економски раст во земјата преку отворена дебата со релевантни институции во земјата.
СКСЗМ во своето работење се определи да биде констуктивен партнер со сите чинители што се залагаат за економски развој во земјата. Да бидеш конструктивен партнер значи дека си спремен да ги прифатиш добрите работи, но и да критикуваш кога предложените мерки не се адекватни или се донесени на едностран начин без предходно да има адекватни конслутации.
Се залагаме и секогаш ќе се залагаме дека вклучување на коморите и другите чинители во јавната дебата во Република Македонија што не треба да се прави само за де се запази формата, туку напротив да се иницира процес кој што ќе биде продуктивен и ќе ги даде вистинските одговори на економските предизвици.
Е&Б: Се согласувате ли дека има моменти, како што е тоа случајот годинава, кога интересите на политичките партии треба да се стават настрана и треба заеднички да се бараат решенија за тековната многу тешка економска состојба? Како комора сте размислувале ли некогаш за тоа да организирате јавна дебата за тоа што треба да се направи за македонската економија да помине со што помали последици од кризава?
М.Кучи: СКСЗМ верува дека само со јавна дебата на сите чинители без разлика на политичката, етничката, културната припадност може да се дојде до конструктивен пристап за решавање на проблемите со кои се соочува економијата.
Сметаме дека во ова кризна година како и во наредната клучна година од економски аспект за Македонија, не треба на прво место да ни биде внатрепартискиот, етничкот интерес, туку напротив би требао да ни бидеод интерес благостојбата на сите граѓани на оваа земја. Затоа мислам дека треба да се направат напори за да се направи една сеопфатна политика на економски план, за да се ублажи економксата криза низ која минуваме како земја.
Е&Б: Господине Кучи, Ви благодарам за интервјуто.
Comments are closed.