Доделување на наградите за општествено одговорни практики
Церемонијата на доделување на Националната награда за општествено одговорни практики за 2011 година, петта по ред, е дел од проектот „Општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија”, кофинансиран од Европската Комисија, а спроведуван од Министерството за економија, во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението „Конект”, со цел промовирање на позитивните практики на општествено одговорно делување, како и унапредување на општествената одговорност кај претпријатијата во Република Македонија.
Добитниците се поделени во групи на големи компании и мали и средни претпријатија, а наградите се во вкупно пет категории, и тоа Односи со вработените, Етичко управување, Животна средина, Односи на пазарот и Вложување во заедницата.
„Општествената одговорност предизвикува се’ поголем интерес кај македонските претпријатија. Тоа потврдува дека ваквиот концепт станува дел од нивната деловна политика, по примерот на европските компании, со што се подобруваат конкурентноста, угледот и имиџот, односите со добавувачите, потрошувачите и потенцијалните инвеститори, како и лојалноста на вработените, што е сигурен пат до долгорочен успех во бизнисот”, рече министерот за економија Ваљон Сараќини пред доделувањето на наградите.
Општествената одговорност, нагласи Сараќини, не претставува трошок, туку предност за фирмите, зашто поблиските релации со клиентите, државните институции, инвеститорите и медиумите се придобивка. Според евроамбасадорот Аиво Орав, во Европската унија бројот на бизниси што делуваат на општествено одговорен начин постојано се зголемува и тоа не е правна обврска, туку единствено нивна волја.
Конкурсот за годинешните награди за општествена одговорност на претпријатијата траеше од 11 август до 28 септември. На него аплицираа 36 претпријатија, од кои 13 мали и средни и 23 големи компании, со вкупно 59 проекти
Comments are closed.