Групацијата на Бизнис Жени при СКСЗМ: Размена на искуства со жените претприемачи од Косово
22 Јуни 2017 – Групацијата на Бизнис Жени при Стопанската комора на Северо – Западна Македонија, во соработка со Здружението на жени Women 4 Women од Приштина, денес одржаа средба со жените претприемачи од Македонија и делегација од 40 учеснички од Косово, од бизнис и невладиниот сектор.
Гостите ги поздрави и градоначалникот на Oпштина Гостивар Невзат Бејта, за потоа да продолжат со дискусијата со цел размена на искуства од Косово и Македонија. Тој ја поздрави иницијативата и ја понуди целосната институционална поддршка од страна на општината и изрази сигурност дека денешната средба ќе им помогне да излезат со интересни идеи за развој на нивните бизниси.
Бројот на претпријатијата водени од жени и девојки во нашата земја значително е зголемен, но техничката и финансиската поддршка е сеуште на ниско ниво. Имајќи го предвид ова, претприемништвото, иновациите и регионализацијата на бизнисите е една од стратешките цели на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија, со посебен акцент на младите и женското претприемништво.
За време на средбата се разговараше и за многу бариери кои често ги спречуваат жените да бидат активно вклучени во економскиот сектор. Бариери поврзани со сопственост, финансиски ресурси, економско или професионално образование и кои ја попречуваат реализацијата на иницијативи кои жените може да ги имаат за да отворат бизнис или да го прошират веќе постоечкиот бизнис.
На овој состанок, Претседателката на Групацијата на Бизнис Жени (ГБЖ) при СКСЗМ, Гзиме Фејзи ги презентираше активностите на членовите на групацијата, и рече дека “со споменатите проблеми се соочуваме со години и тоа се одразува на нискиот број на жени претприемачи, малиот број на претпријатијата кои се регистрирани на име на жените, па дури и неподготвеноста на младите девојки да преземат иницијативи во економскиот сектор”.
Заменик-претседателката на ГБЖ, Мерита Рамадани Алими потенцираше дека “ваквите состаноци како овој се многу важни за да се нагласат проблемите со кои се соочуваат жените, да разговараат за преземените иницијативи за решавање на овие бариери и потребните мерки за идентификување на политиките кои треба да бидат преземени од страна на јавниот, но исто така и од приватниот сектор, за да се обезбеди пристап на жените до економскиот сектор.”
Целта на посетата на жените од Косово беше презентирана од страна на Здружението на Women 4 Women и претставниците на невладината организација – Жените од Брезовица.
Средбата потоа продолжи со посета на бизнисите раководени од жените во општина Гостивар.