СКСЗМ го организира традиционалниот ифтар, промовирајќи солидарност и соживот

Скопје, 6 март 2025 година – По повод светиот месец Рамазан, Стопанската комора на северозападна Македонија во просториите на својата членка, ресторан Нита Палас, го организираше традиционалниот ифтар, собирајќи ги претставниците на бизнисот, институциите и заедницата, во вечер исполнета со дух на солидарност и взаемно разбирање.

На овој значаен настан учествуваше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Христијан Мицкоски, кој со своето присуство даде силна порака за важноста на дијалогот и соработката меѓу заедниците и различните сектори на општеството.

Длабоко ценејќи ја симболиката на Рамазан, СКСЗМ веќе создаде традиција во организирањето на овој ифтар, како чин на почит кон исламските вредности, кои отелотворуваат великодушност, простување, мудрост, љубов и меѓусебно почитување. Овие универзални принципи се основа за градење на пообединето и потолерантно општество, надвор од етничките, верските или културните разлики.

Во својот говор, претседателот на СКСЗМ, г. Mendi Qyra изрази благодарност до поддржувачите и соработниците кои ја овозможија оваа значајна организација, компаниите TRIM&LUM, SILCAPOR И DAUTI.

„Денес, повеќе од кога било, треба да ги зачуваме и пренесеме вредностите на толеранцијата и разбирањето кон помладите генерации. Нашето општество е богато со културна и етничка различност и не само што треба да се гордееме со тоа, туку и да чувствуваме одговорност да го заштитиме и промовираме. Овој ифтар е јасен пример за хармонијата и соживотот што сакаме да го зајакнеме“, нагласи г. Qyra за време на неговиот говор.

Овој настан послужи како можност за продлабочување на врските меѓу заедниците, бизнисите и институциите, потсетувајќи на важноста на соработката и солидарноста во градењето на поодржливо и посилно општество.