Прес-конференција на СКСЗМ: 2024 година помеѓу предизвиците и достигнувањата – Инвестиции, транспарентност и реформи – Приоритети за 2025 година

На прес-конференцијата организирана од Стопанската комора на северо-западна Македонија, одржана на 26.12.2024 година во просториите на СКСЗМ, претседателот на Комората, г. Mendi Qyra ги презентираше економските случувања и предизвиците во 2024 година, како и главните очекувања и барања на Комората за 2025 година.

Во однос на економските предизвици со кои се соочи земјата во текот на 2024 година, г. Qyra го потенцираше ниското ниво на реализација на капиталните проекти, на само 47% до ноември 2024 година, доцнењето на повратот на ДДВ за компаниите, како и предизвиците со недостигот на работна сила, за која бизнисите во земјава бараат околу 15 илјади работници. Г. Qyra нагласи дека сивата економија од прилика е во стапка над 35% до 39% од БДП, и дека во „најдоброто“ сценарио од анализите на СКСЗМ, ова ја чини земјата над 700 милиони евра годишно, додека во „најлошото сценарио“ го надминува дури и вредноста од 1,7 милијарди евра, кои се потенцијални загуби на буџетските приходи. Претседателот на Комората потенцираше дека во текот на 2024 година во надворешната трговска размена, земјава бележи значително намалување на извозот од 5,5% во периодот јануари – октомври, од 7 милијарди евра во 2023 година за истиот период, на 6,56 милијарди евра во 2024 година. Тој исто така потенцираше дека замрзнувањето на цените на училишниот прибор и на прехранбените производи е директна интерференција на слободниот пазар.

Говорејќи за позитивните достигнувања од 2024 година, претседателот на СКСЗМ, Меndi Qyra, го истакна рекордот на странскитe директни инвестиции, кои достигна 838 милиони евра, формирањето на Министерството за енергетика, кое е долгорочно барање на СКСЗМ, усвојувањето на Националната развојна стратегијa, која е исто така долгогодишнo барање на Комората. Претседателот Qyra истакна дека позитивните активности кои се забележани во тековната година се и делумното инкорпорирање на Платформата за економски развој на СКСЗМ во платформите на владејачките партии, донесување на Законот за забрана на нефер трговски практики, започнувањето со работа на Коридорите 8 и 10Д, распределба на 250 милиони евра, ликвидни средства со ниска каматна стапка за бизнисот и 250 милиони евра ликвидни средства со ниска каматна стапка за општините, како и солидарноста на бизнисите со граѓаните, како и позитивниот пристап на Владата за креирање на новогодишната кошничка во доброволна форма. Г. Qyra го поздрави и почетокот на постапката за преиспитување на Законот за данок за солидарност.

Претседателот Mendi Qyra зборуваше и за очекувањата и барањата на СКСЗМ за економијата во 2025 година. Тој истакна дека се потребни итни мерки за справување со сивата економија, која е над 35% од БДП и претставува голем товар за државниот буџет, како  и да се зголеми транспарентноста и ефикасноста на јавните институции. Г-дин Qyra стави посебен акцент на важноста на новите мерки и стратегии за справување со овие предизвици и за создавање силна основа за одржлив економски раст во 2025 година. Меѓу барањата и приоритетите идентификувани за следната година, г. Qyra издвои:

  • Раст на БДП над 4% за следните 4 години,
  • Зголемување на минималната нето плата на 500 евра и намалување на придонесите за плата од 47,7% на 32%,
  • Функционализација на системот за увоз на работна сила од странство,
  • Развој на стратегии за преквалификација на вработените во јавната администрација и нивна алокација во приватниот сектор,
  • Рационализација на буџетските расходи и мерки за намалување на инфлацијата,
  • Целосна реализација на капиталните инвестиции, како и
  • Реализација на големи проекти како Коридорот 8 и 10Д.

Претседателот на СКСЗМ, исто така, побара од Владата зголемување на буџетот за капитални инвестиции на годишно ниво за 14% и повеќе, да го ревидира и стави во функција новиот систем за увоз на работна сила од странство, да изврши рационализација на буџетските расходи, да го имплементира принципот на одговорност за раководителите на институциите и да преземе соодветни макроекономски мерки за намалување на инфлацијата, во соработка со стопанските комори.

Како значајни мерки што Владата треба да ги преземе, г. Qyra ги нагласи и рамноправната распределба на странските директни инвестиции во сите Технолошко-индустриски развојни зони, вклучувањето на сите сектори и дејности во Унгарскиот кредит, не исклучувајќи ги  туризмот и енергетиката. Тој исто така наведе дека донесувањето на законите од економски карактер треба да се реализира исклучиво во соработка со стопанските комори, како и конкретизирањето на чекорите кон децентрализација.

На конференцијата присуствуваа и Извршниот директор и членовите на Управниот одбор на СКСЗМ, кои ги анализираа и  утврдија приоритетите кои треба да бидат во фокусот на Владата во текот на следната година, истовремено оценувајќи ги позитивните достигнувања од годината што ја оставаме зад нас. Тие ја истакнаа важноста од блиска соработка меѓу државните институции и приватниот сектор за креирање економски политики што ефикасно ќе ги адресираат потребите на бизнисите и граѓаните.

СКСЗМ останува посветена да биде силен глас на бизнисот во земјата, нудејќи конкретни предлози базирани на анализи за економскиот развој на Северна Македонија.