Презентација на истражувањето „Годишна проценка на бизнис опкружувањето”
Бизнис климата речиси непроменета – Повеќе опомени, но и понатаму инспекторите инсистираат да најдат нерегуларност
Денес, 16 декември 2019 година, во Скопје, Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа презентација на резултатите од четвртата година по ред „Годишна проценка на бизнис опкружувањето“. Според анкетата која годинава е најобемна, компаниите сметаат дека се зголемува достапноста на информациите за измените на регулативата и тие преземаат проактивна улога. Во анкетата со која беа опфатени 596 компании, доминира ставот дека бизнис климата е непроменета како и лани. Само 13% од анкетираните сметаат дека има подобрување, 38% мислат дека бизнис климата е полоша и 36% дека нема промени. Најлоши резултати имаше во 2016 година, кога над половина од компаниите сметале дека бизнис климата е влошена.
„Станува збор за најрелевантно домашно истражување на бизнис опкружувањето кое преку Проектот партнерство за подобра бизнис регулатива го спроведуваме година. Целта е да се согледаат состојбите со законодавството кое го третира приватниот сектор, кои области треба да се подобрат, да се измери задоволството на компаниите од законите кои директно влијаат врз нивното работење, и приоритетите за реформи за поповолна деловна клима. Резултатите ни даваат насока како подобро да ги претставиме барањата на бизнис заедницата во формираната Комисија за јавно-приватен дијалог со Владата на Република Северна Македонија преку нашата Платформа. Резултатите од анкетата за 2019 и од претходните покажуваат дека и натаму треба да се работи на подобрување на регулативата за даноците, инспекцискиот надзор, јавните набавки, работните односи и борбата со сивата економија“, истакна Дрилон Исени извршен директор на СКСЗМ и претседавач на Платформата за јавно-приватен дијалог.
Во сите четири години на анкетата сивата економија е наведена како еден од најголемите проблеми на бизнис секторот заедно со правната несигурност. Годинава 40% од испитаните компании сметаат дека легислативата против сивата економија е недоволна и 36% велат дека е на незадоволително ниво, 23% сметаат пак, дека е на задоволително ниво што покажува благ пораст од лани кога вака одговориле 16% од испитаните компании.
Во поглед на инспекциите и натаму компаниите најмногу се жалат на инсистирањето да се најде нерегуларност иако тука има значително подобрување како во споредба со 2018 така и од пред три години. Компаниите имаат и проблем со недостиг на информации, непрофесионално поведение на инспекторите и нивна недоволна подготвеност, а корупцијата бележи најголем раст. Принципот на опомена пред казна бележи раст како во споредба со минатата година, така и од 2016 наваму. Опомена им била изречена на над половина компании, а финансиска глоба платиле 27,6%, најмалку во последните 4 години.
Biznisregulativa.mk како специјализиран веб сајт за информирање на компаниите за законските измени започна со работа во јуни 2018. Тој бележи огромен скок во достапноста, па така над 75% од компаниите веќе се запознаени со бесплатните алатки кои им се на располагање. Над половина од испитаните компании позитивно одговориле дека се вклучени во процесот на носење на правната регулатива, а се зголемува и учеството на малите и средните претпријатија. За потсетување во анкетата од 2016 година само 28% од испитаните компании биле дел од процесот на носење на законски измени на бизнис регулативата. Компаниите се задоволни и од достапноста на информациите за правна усогласеност, во 2016 само 4% од нив сметале дека информациите се целосно достапни, а сега ова е зголемено на 18%. Намалување има и кај компаниите кои сметаат дека информациите се целосно или делумно недостапни.
Според перцепцијата на компаниите, дури 81% од нив сметаат дека стопанските комори се вклучени во процесот на легислативата, што е значително подобрување споредено со 2016 година кога 45% од компаниите го делеле ова мислење. Тоа е показател на зголемените активности на коморите за застапување на интересите на бизнис секторот.
Анкетата беше спроведена во периодот 24 октомври – 19 ноември 2019 година. Анализата, заклучокот и препораките треба да им обезбедат на властите и на организациите за поддршка на деловните субјекти, насоки за подобрување на регулативата од важност за бизнисот. Првото истражување започна со 177 компании како основа и во четвртото издание сега брои 596 анкетирани компании што е раст од 233% во однос на 2016 година. Истражувањето е спроведено од Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива со Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, ИКТ Стопанска комора – МАСИТ и Сојуз на стопански комори на Македонија и консултантската куќа ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал од Скопје.