Заклучоци од седниците на Владата

Дел од заклучоците од 26-тaта i 27-та седница на Владата, во врска со настанатата ситуација со коронавирусот – #COVID19:

  • На 26-та седница, Владата донесе Уредба со законска сила за примената на Законот за стечај за време на вонредна состојба. Сите започнати постапки, како претходна постапка за отворање на стечајна постапка и отворање на стечајната постапка над стечајниот должник, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба;
  • Владата донесе одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за одредени стоки – потрошен медицински материјал;
  • На оваа седница Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало. Според оваа Одлука за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало во членот 1 на оваа одлука по зборовите “и дезифекциони средства ”се дополнува со зборовите “потрошен медицински материјал и медицинска опрема и апарати”;
  • На својата 26 седница Владата донесе Уредба со законска сила за измена на Законот за облигационите односи. Донесувањето на оваа уредба е со цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот економски сектор, како и на граѓаните во државата во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти;
  • Ha 27-та седница Владата донесе одлука заради забрана на движење во општина Куманово, им се препорачува на економските оператори што имаат големи производствени и продажни капацитети на подрачјето на територијата на општина Куманово да го приспособат своето работење со редуциран број на вработени, имајќи ја предвид забраната за влез и излез од и во подрачјето на територијата на општина Куманово;
  • Владата усвои Уредба со законска сила за примената на Законот за туристичката дејност за време на вонредна состојба. Уредба со која туристичките агенции ќе издаваат ваучери во вредност на сумата уплатена за аранжманот кој бил откажан како резултат на кризата со Коронавирусот.