Доделени наградите за Претприемач на годината 2019
Со цел поттикнување на претприемачкиот дух преку промоција на успешни примери, се доделија престижните награди „Претприемач на годината 2019“ за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во земјата.
Во категоријата мали претпријатија првата награда и припадна на Даниела Николовска менаџер на компанијата „Греемак груп“ од Скопје, а втората на Горан Цуцулески менаџер на компанијата „Кривогаштани промет“ од Кривогаштани.
Првата награда во категоријата микро претпријатија е доделена на Риза Реџепи менаџер на компанијата „Текника Риза Реџепи“ од Кичево, а втората на Георги Дамчески менаџер на компанијата „Ипринт 2015 “ од Прилеп.
Претселекцијата за изборот на „Претприемач на годината 2019“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Република Северна Македонија. Во периодот од 2016 до 2018 година вкупно 31 микро (кои имаат помалку од 10) и мали претпријатија (кои имаат помеѓу 10 и 50 вработени) ги исполнија критериумите за избор и имаат реализирано континуиран раст во број на вработени, вкупните приходи, добивка и инвестиции. Најдобрите претприемачи беа контактирани и вклучени во процесот на избор преку пополнување на прашалник, посета на терен, анализа и оценка според однапред утврдени критериуми (посветеност на обуки, маркетинг и стратегија за раст, инвестиции во опрема и истражување, развој и иновации и др.).
Наградите во рамки на манифестацијата „Претприемач на годината“ оваа година се доделија по 13-ти пат, а наградените претприемачи во двете категории добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите.
Главни организатори на Претприемач на годината 2019 се Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ). Ко-организатор е Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење. Институционален покровител е Министерството за економија на Република Северна Македонија. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.