Даночни олеснувања и поголема заштита на даночните обврзници, неопходни при КОВИД-19 кризата
Стопанска Комора на Северо-Западна Македонија, Сојуз на Стопански Комори, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и, со ЕПИ ЦЕНТАР како имплементаторна преку проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа инфо-сесија за претставување на наодите и предлозите од две студии од областа на даноците.
Студијата „Даночна постапка и правни лекови за заштита на правата на даночните обврзници со посебен акцент на правните лица“ е изработена за подобрување на степенот на заштита која треба да ја добијат даночните обврзници во Република Северна Македонија согласно Законот за даночна постапка. Соодветно, студијата „Финансиски и даночни импликации на КОВИД-19 кризата и препораки за нејзино надминување“ нуди податоци и анализа на предизвиците со кои се соочени компаниите и послужи за иницирање на конкретни краткорочни и долгорочни решенија за даночни олеснувања и мерки за поддршка.
Заштитата на правата на даночните обврзници во даночната постапка е секогаш актуелна тема поради специфичностите на даночно-правниот однос во кој неретко активниот субјект т.е. државата доминира, што создава услови за загрозување на правата на даночните обврзници. Ова е особено изразено во услови на криза кога даночните власти се исправени пред предизвикот да обезбедат доволно финансиски средства за нормално функционирање на државата.
Со конкретните решенија предложени од експертите и приватниот сектор треба да се овозможи подобро справување со финансиските последици од КОВИД-19 кризата и соодветно креирање на мерките за државна помош преку даночни олеснувања и подобра заштита на приватните субјекти. Предлозите кои произлегоа од инфо-сесијата посветена на даночните политики ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог.