СКСЗМ ја додели наградата „Претприемач на годината“ | OEMVP СКСЗМ ја додели наградата „Претприемач на годината“ – OEMVP

СКСЗМ ја додели наградата „Претприемач на годината“

19 Декември 2017 – Традиционално, и годинава Сојузот на стопанските комори на Македонија, Македонската развојна фондација за претпријатија, Стопанската комора на северозападна Македонија, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење ја доделија престижната награда „Претприемач на годината“ за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во Република Македонија.

Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Бардул Шабани, менаџер на компанијата Линк шпед од Тетово, а втората на Томи Запров, менаџер на компанијата Силотер од Струмица.

Првата награда во категоријата микропретпријатија му е доделена на Жарко Димитриоски, менаџер на компанијата Еден на еден од Скопје, а втората на Борче Николов, менаџер на компанијата Аерус од Пробиштип.

Во двете категории, наградените претприемачи добија статуетки и вредносни ваучери.

Наградите ги доделија претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, Данела Арсовска, потпретседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Нагип Фејзи, извршниот директор на Македонската развојна фондација на претпријатијата, Тетјана Лазаревска, како и проф. д-р Радмил Поленаковиќ од Националниот центар за развој на иновациите и претприемачко учење.

Наградата се доделува по 11-ти пат, а целта е да се поттикне претприемачкиот дух во земјата, преку промоција на успешни примери. Спонзор на настанот е Штедилница Можности.

Претселекцијата за избор на „Претприемач на годината – 2017“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Република Македонија. Имено, 57 микро и мали претпријатија, во периодот од 2014 до 2016 година, имаат реализирано континуиран раст по основ на број на вработени, вкупни приходи, добивка и инвестиции. Крајниот избор вклучи претприемачи кои изразија интерес за доставување податоци преку прашалник, посета на терен, анализа и бодирање, согласно однапред утврдени критериуми (посветеност на сопствена обука и обука на неговите вработени, маркетинг и стратегија на раст, инвестиции во истражување, развој и иновации и др.) и кои беа избрани за најдобри.

 

ИНФОРМАЦИЈА ЗА ДОБИТНИЦИТЕ

Бардул Шабани, Линк шпед од Тетово, I награда во категоријата мали претпријатија

„ЛИНК ШПЕД“ е една од водечките компании во Македонија која обезбедува интегрирани решенија во полето на транспорт, логистика, шпедиција, дистрибуција и производство. Семејната компанијата е основана во 2003 година, а проширена во 2009 година со производството на влажните марамчиња „Фиона“ кои се произведуваат со најсовремена технологија и се нудат на пазарите во земјите на Балканот. Во составот на „Линк шпед“ влегува и такси-компанијата „Линк такси“ која располага со голем број возила и која ги услужва граѓаните од Тетово. Со возилата управува едуциран кадар, кој се истакнува со професионалностa и уредностa. Во иднина планираат да ја прошират својата производна линија и преку производство на пелени и други средства за хигиена.

 

Томи Запров, Силотер од Струмица, II награда во категоријата мали претпријатија

Компанијата за производство на градежни материјали СИЛОТЕР е компанија основана во 2012 година. Во изминатиот период СИЛОТЕР прерасна во современа и модерна фабрика за производство на градежни материјали. Тие располагаат со палета на производи кои се користат на нашиот пазар, како и повеќе видови малтери за ѕидање и малтерисување, машински малтер, декоративни малтери, како и повеќе видови и класи лепила за плочки итн. Нивните производи ги исполнуваат најсовремените градежни нормативи чиј квалитет е потврден од реномирани градежни лаборатории со сертификати кои одговараат на нормативите на Европската Унија. Во состав на „Силотер“ во 2015 г. е основана и Академијата за обука на возрасни  во која се спроведуваат шест различни програми од областа на градежништвото. Од 2017 г. СИЛОТЕР е основач и на фирмата СИЛОМАТ која се занимава со изработка на метални конструкции и порамнителни подови. Нивниот стремеж кон проширување и усовршување на производство преку спроведување современи технологии е всушност нивната формула за успех.

 

Жарко Димитриоски, Еден на еден од Скопје, I награда во категоријата микропретпријатија

Фирмата „ЕДЕН НА ЕДЕН“ започнува како  ТВ-проект осмислен од Жарко Димитриоски, кој се емитувал на национална телевизија. По успешни први две сезони, фирмата се основа во 2012 г. и почнува да нуди комплетни маркетинг и продукциски услуги, да работи на голем број проекти што ја трансформира компанијата во она што е денеска – маркетинг-агенција која нуди целосна услуга во полето на маркетинг. Големата палета на услуги, стручноста и флексибилноста на тимот на „ЕДЕН НА ЕДЕН“ која се огледува преку успешните маркетинг-стратегии спроведени во голем број земји овозможуваат да бидат исполнети специфичните потреби на клиентите во полето на маркетингот од мали фирми до меѓународни компании. „ЕДЕН НА ЕДЕН“ може да се пофали со голем број награди од различни меѓународни фестивали и креирање глобална кампања за „Digital Finance“ која се емитувала пред  светската јавност.

 

Борче Николов, Аерус од Пробиштип, II награда во категоријата микропретпријатија

АЕРУС Пробиштип е основана во 2003 година и се занимава со откуп, преработка и трговија на шумски плодови и култивирано овошје, претежно за извоз. Тие располагаат со повеќе видови продукти, како замрзнато овошје, суво овошје и повеќе видови печурки во замрзната, сува или свежа форма кои се испорачуваат директно на европскиот пазар. Од 2003 г. се развива и посветено работи на зголемување на уделот на пазарот. Во 2014 г. го опфаќаат пазарот на 2 држави, но со текот на годините успешно се пласираат и на пазарите во Словенија, во Италија, во Холандија, во Германија, во Србија, во Шпанија, во Швајцарија и во Австрија.

About The Author

Related posts

Share This