СКСЗМ одржа форум за регулативата во градежниот сектор | OEMVP СКСЗМ одржа форум за регулативата во градежниот сектор – OEMVP

СКСЗМ одржа форум за регулативата во градежниот сектор

14 Ноември 2017 – Стопанска Комора на Северо-Западна Македонија во рамките на проектот  Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа форум за прописите кои влијаат на полето на просторно планирање, градежното земјиште и градежните работи, нагласувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат градежните компании во земјата. Ова е седмиот одржан форум во низата настани организирани од страна на проектот, со цел започнување на разговори помеѓу бизнис заедницата и јавните институции за одредени прашања кои ја засегаат правната усогласеност на компаниите.

Едвард Гонзалез, директор на канцеларијата за развој на УСАИД Македонија изјави на настанот: “Градежната индустрија е водечки сектор во македонската економијата, значително придонесувајќи за вработувањето и вкупниот БДП. Сепак, градежните компании се соочуваат со застрашувачки предизвици кои го забавуваат процесот на стекнување на потребните сертификати и работни дозволи, што доведува до значителни одложувања и во крајна линија, повисоки трошоци. Од суштинско значење е сите релевантни засегнати страни да бидат вклучени во развојот на ефективни решенија кои се однесуваат на регулаторните прашања. Денешната дискусија е чекор во таа насока “.

Неби Хоџа, Претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија се осврна на важноста на овој сектор, имено „ Градежниот сектор продолжува да биде најважниот столб на економијата во Македонија, со висок економски раст и покрај предизвиците од економската и политичката криза со којшто се соочува во изминатиот период. Воедно овој сектор е еден од главните генератори на работни места во државата. Сепак, недостигот на информации резултира со неусогласеност со постојната правна регулатива која се однесува на овој сектор и токму затоа СКСЗМ продолжува преку овој проект да гради конструктивен дијалог со релевантните институции со цел подобрување на регулативата.“

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски истакна: „Во наредниот период се планирани сеопфатни анализи на законските одредби кои го регулираат градежниот сектор, со цел да се идентификуваат насоките во коишто ќе се развиваат реформите на начин кој ќе биде лесно применлив и ефикасен на терен за градежните компании. Министерството е спремно за транспарентна соработка и со коморите кои се претставници на бизнисите во земјата, со цел да се креира функционална регулатива која ќе им помогне на компаниите да бидат подобро усогласени. Во моментов министерството има направено анализи во кои законски решенија е потребно да се интервенира, но се надеваме дека и овој настан ќе биде одлична прилика да се дадат дополнителни предлози за подобрување.“

Шефот на проектот Љубомир Димовски истакна конкретни наоди од анализата којашто ја спроведе проектот во изминатиот период: „ВО изминатиот период како дел од проектните активности се спроведоа две анализи кои јасно укажуваат на потребата за подобрување на овие врски . Последната анкета спроведена во Септември укажува дека повеќе од 73% од анкетираните компании сметаат дека не биле консултирани во процесот на носење на законска регулатива. Ваквите резултати не придонесуваат за градење подобра бизнис средина, каде законските решенија треба да се развиваат врз основа на соодветни анализи, но и искуства и мислење на сите засегнати страни.“

На настанот присуствува и експерти од областа и се обратија со свои презентации кои ги опфатија проблемите со кои најчесто се соочуваат компаниите од градежниот сектор.  Меѓудругото, посебен акцент на настанот беше ставен на одредбите во Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и на усогласувањето на деталните урбанистички планови со генералниот урбанистички план, тема која во изминатите неколку години привлече големо внимание во јавноста.

На настанот присуствуваа г. Горан Сугаревски, Министерот за транспорт и врски, Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, градот Скопје, другите општини во Скопје и релевантните институции.

Проектот ќе работи на конструктивни решенија за подобра правна усогласеност на компаниите и поддршка на механизмите за јавно – приватен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Сите проектни активности ги спроведува ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и четирите клучни партнери: Стопанската комора на Македонија; Стопанската комора за ИКТ – МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на Стопански Комори на Македонија. Преку активно учество во имплементацијата на проектот, коморите воедно ќе ги зајакнат и сопствените капацитети за подобро да ги застапуваат микро, малите и средните претпријатија.

About The Author

Related posts

Share This