Се доделија наградите за “Претприемач на годината 2018“ | OEMVP Се доделија наградите за “Претприемач на годината 2018“ – OEMVP

Се доделија наградите за “Претприемач на годината 2018“

Традиционално, и оваа година, Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија во соработка со Сојузот на Стопанските Комори на Македонија, Македонската Развојна фондација за претпријатија, Центарот за развој на иновации и претприемачко учење ја доделија престижната награда „Претприемач на годината 2018“, со цел поттикнување на претприемачкиот дух преку промоција на успешни примери, за најуспешните претприемачи на микро и мали претпријатија во земјата.

Во категоријата мали претпријатија првата награда му припадна на Ваљон Купа, сопственик на компанијата Евита Груп од Дебар, а втората на Филип Ристевски, менаџер на компанијата Пиксел од Скопје.

Првата награда во категоријата микро претпријатија му е доделена на Сашко Андонов, менаџер на компанијата Течко Нет од Кочани, а втората на Александар Билјаноски, менаџер на компанијата Мое Студио Дадар од Скопје.

Претселекцијата за изборот на „Претприемач на годината 2018“ беше направена врз основа на податоците од Централниот регистар на Република Македонија. Во периодот од 2015 до 2017 година вкупно 112 микро и мали претпријатија ги исполнија критериумите за избор и имаат реализирано континуиран раст во број на вработени, вкупните приходи, добивка и инвестиции. Најдобрите претприемачи беа контактирани и вклучени во процесот на избор преку пополнување на прашалник, посета на терен, анализа и оценка според однапред утврдени критериуми (посветеност на обуки, маркетинг и стратегија за раст, инвестиции во опрема и истражување, развој и иновации и др.).

Наградите во рамки на манифестацијата „Претприемач на годината“ оваа година се доделија по 12-ти пат, а наградените претприемачи во двете категории добија статуетки, плакети и пакети услуги од организаторите.

 

 

 

About The Author

Related posts

Share This