Реакција по повод обраќање на Претседателот Иванов на 18 Август – Денот на Армијата | OEMVP Реакција по повод обраќање на Претседателот Иванов на 18 Август – Денот на Армијата – OEMVP

Реакција по повод обраќање на Претседателот Иванов на 18 Август – Денот на Армијата

25 Aвгуст 2017 – Стопанската Комора на северозападна Македонија во заштита на интересите на бизнис заедницата која ја претставува, во ниеден случај не го оспорува фактот дека Армијата треба да биде во функција на одбрана на границите, територијалниот интегритет и суверенитет на државата и да работи кон неопходната безбедност за демократијата, економијата и моделот на соживот во Република Македонија и почитување на различноста. Но, сите сме сведоци на тоа дека политичката криза имаше негативен ефект врз бизнис секторот и економијата во Македонија, и во следниот период треба многу внимателно да се превземат чекори кон подобрување на истиот.

Во прилог на ова, секако не оди ставот на претседателот на државата во обраќањето по повод 18 Август – Денот на Армијата каде што изјавивте дека “Втората улога на Армијата ќе биде поддршка на полицијата во борба против урбаниот тероризам во градовите со етничка и со верска различност. Урбанизацијата е предизвик. Идната сива зона се градовите и регионизацијата. Мора да ги земеме предвид научените лекции од превентивната мисија на УНПРЕДЕП од 1995 година во северозападна Македонија. Тоа се лекции за растечка закана од сепаратистички идеи и загрозување на територијалната целина на нашата држава.”

Категорично тврдиме дека ваквиот говор со наводно “растечки закани од сепаратистички идеи и загрозување на територијалната целина”, oсобено во “северозападна Македонија” која што беше етикетирана како цел за “борба против урбаниот тероризам” каде што повеќето од градовите се со етничка и верска различност, ја загрозува бизнис климата во овој регион.

Стопанската Комора на северозападна Македонија, како претставник на бизнисите кои оперираат претежно во северозападниот дел на нашата држава, повикува на сите кои ги поттикнуваат тензиите со теми поврзани со етничките прашања, да бидат внимателни, затоа што ваквиот говор предизвикува воздржаност на компаниите и инвеститорите, а тоа може да резултира со одлагање или откажување на долгорочните проекти и планови кои би го стимулирале растот на нашите компании и отвoрањето на нови работни места.

Оттука, бизнис секторот но и населението се директно засегнати страни, и апелираме до сите релевантни учесници во креирањето на политичкиот диалог и стабилноста во државата, со цел да се одржи економската стабилност, инвестициите и долгорочниот економски просперитет на земјата, да се воздржат од секаков вид на говор кој што би можел да го загрози економскиот раст и развој на северозападниот дел на Македонија.

About The Author

Related posts

Share This